Филмови со добитници на Оскар во главните улоги кои мора да ги гледате
Од далечната 1929 година па сè до денешен ден, американската филмска награда Оскар се доделуваше само на ретки среќници, како и на филмски остварувања кои неповратно ја задолжија седмата уметност и со тек на време станаа несомнено најпрепознатлив симбол на извонредност кога е во прашање овој, на сите нас, толку омилен медиум.
Малата златна статуетка навистина значи филмски живот, а ние во продолжение ви носиме неколку врвни филмови со оскаровци во главните улоги моментно достапни на стриминг сервисот Pickbox NOW!
Лоренцо (Роберт де Ниро), е скромен и вреден возач на автобус и татко загрижен за иднината на деветгодишниот син Калоџеро (Лило Бранкато Јуниор и Френсис Капра) кој своето слободно време го минува на опасните улици во њујоршкиот кварт Бронкс сè почесто сонувајќи за живот од другата страна на законот.
Кога еден ден случајно ќе сведочи на убиство извршено до страна на харизматичниот локален мафијаш Сони (Час Палминтери), Калоџеро одлучува да ја излаже полицијата и помеѓу него и закоравениот криминалец почнува да се развива пријателство во кое внимателниот Лоренцо ќе препознае голема закана која штотуку почнува да се надвива над неговото семејство...
Одлично одиграна, визуелно впечатлива и драматуршки вешто разработена, криминалистичката драма Приказна од Бронкс (A Bronx Tale) по своето излегување во 1993 година изненади многумина – во голема мерка сигурно благодарејќи му и на тоа што легендарниот американски актер се покажа како извонреден и тогаш кога се наоѓа зад камерата – и остана запомнета како доцна класика во рамките на мафијашкиот поджанр кој мора да се погледне барем еднаш!
Соба со поглед (A Room with a View)
Годината е 1907 и младите Англичанки Луси (Хелена Бонам Картер) и нејзината роднина Шарлот (Меги Смит) престојуваат во пансионот Бертолини во Фиренца каде што во текот на една вечера го запознаваат впечатливиот господин Емерсон (Денхолм Елиот) и неговиот молчалив, но шармантен син Џорџ (Џулијан Сендс) во кого Луси многу брзо почнува да се вљубува.
Меѓутоа, токму кога сè почнува да делува како почеток на уште една прекрасна љубовна приказна, Луси се враќа во Англија, а потоа се свршува за богатиот и доста претенциозен Сесил кого брилијантно го толкува повеќекратниот оскаровец Даниел Деј Луис. Освен тоа, целата компликувана ситуација додатно ја заплеткува веста дека господин Емерсон наскоро ќе се пресели во околината на Луси, што ненадејно ќе ги претвори нејзините соништа за повторна средба со Џорџ во реалност...
Разоружувачки топла, емотивно длабока и продукциски раскошна, британската романтична драма Соба со поглед (A Room with a View) од 1985 година, во режија на Џејмс Ајвори, е еден од оние филмови кои после гледањето уште долго ќе останат со вас!
Името на розата (The Name of the Rose)
Во мрачниот среден век во еден наизглед сосема спокоен италијански бенедиктински манастир се случува голема трагедија.
Млад монах извршил самоубиство, а остроумниот францискански калуѓер Вилијам од Баскервил (прочуениот Шон Конери) и неговиот млад помошник Адсон од Мелк (Кристијан Слејтер) се впуштаат во – наскоро ќе се покаже и доста опасна – задача за разјаснување на мистериозните околности на неговата смрт...
Возбудлив и исполнет со специфична атмосфера, Името на розата (The Name of the Rose), историско-криминалистички филм од 1986 година, во германско-италијанска-француска копродукција и под режисерската палка на Жан-Жак Ано, често се смета за една од најуспешните филмски адаптации на романи во историјата.