Откријте ја нашата нова Smart TV апликација и уживајте во стримање!
ЗАЧУВАЈ ПОВЕЌЕ

Британски хумористични серии кои апсолутно вреди да се погледнат



Културата на Обединетото Кралство носи богато историско наследство кое овозможува неисцрпни извори на материјали лесно преносливи на малите и големите екрани, поради што низ годините можевме да уживаме во разни квалитетни содржини што ни ги сервира британската продукција. Навистина не е потребно посебно да се нагласи важноста на вклученоста на Британците во криминалистичкиот жанр, бидејќи тие создадоа некои од најславните ликови на инспектори и создадоа цврста основа врз којашто беше изграден сосема нов свет.

Освен во крими-приказните поради кое се вљубивме во мистичните дејства, истраги, животи и пресврти, британската продукција доминираше и во жанрот на хумор. Британските хумористични серии се познати по нивната суптилност и слоевитост, честото користење на сарказам, иронија или иновативни досетки.

Ликовите се многу често несовршени, ексцентрични и многу автентични, можеме да се идентификуваме и да се поврземе со нив, а хуморот го црпат од банални, секојдневни ситуации. Исто така, британските хумористични серии често танцуваат на границата помеѓу црниот и малку поостриот хумор, кој секогаш е совршено испорачан од талентираните ансамбли актери кои со своите изведби го подигнуваат квалитетот на сериите.

Навистина можеме да кажеме дека британските хумористични серии, поради нивните посебни карактеристики, оставија голема трага во светската телевизиска историја, а тоа го прават и понатаму. Ви носиме список од неколку наслови кои секако вреди да се погледнат.

1. Лудвиг (Ludwig)

Животот на енигматичарот Џон Лудвиг Тејлор се превртува наопаку кога неговиот брат близнак, инспекторот Џејмс Тејлор исчезнува. Џон неволно го презема неговиот идентитет за да му влезе во трага, но секако, ништо не може да помине толку едноставно. Се работи за апсолутен скапоцен камен кој мајсторски ги спојува интригите со шармот на комедијата. Сценариото е остро и паметно и ги плени гледачите со своите комплексни заплети и духовити дијалози. Секоја епизода е загатка сама по себе со пресврти кои ве тераат да сакате да ја гледате серијата до самиот крај. Одличната актерска екипа (особено Ана Максвел Мартин) ја прави серијата уште попријатна за гледање, без разлика дали барате криминалистичка драма или забава.







2. Инспектор Луис (Lewis)


Што да се каже освен британско, култно и незаборавно. Се работи за повеќекратно наградуваната детективска серија, исто така „спин-оф“ на култниот хит за инспекторот Морз. Дејството нè води пет години по смртта на Морз и го следи неговиот партнер Луис. Серијата за омилениот полицаец од Оксфорд го должи својот голем успех кај публиката на тоа што дејството е попрво елегантно отколку насилно, злосторствата се интригантни и комплексни, што е токму она што го очекуваме од британските класици. Никогаш здодевна, често доста смешна и речиси секогаш чекор понапред од гледачите, оваа серија забавува во секој момент и често достигнува до изненадувачки емоционални длабочини.






3. Поаро (Agatha Christie's Poirot)


Се разбира, овој список не може да помине без легендарниот Поаро. Славниот детектив на Агата Кристи носи епизоди преполни со интригантни мистерии, водушевувачко раскажување, одлична продукција и незаборавни изведби. Херкул Поаро ја користи психологијата и своето широко познавање на човековата природа за да ги пронајде криминалците, а тука е атмосферата и естетиката на некои други, минати времиња, прекрасните пејзажи и познатите мустаќи. Многумина ќе речат дека токму оваа серија е најдоброто издание на британската телевизија, а иако е од постар датум, сепак го држи својот легендарен статус токму поради стекнатата репутација, која сè уште се цени и сигурно ќе се памети засекогаш.







4. Ридли Роуд (Ridley Road)


Го гледаме Лондон во 1960-тите кога Вивиен, млада еврејска фризерка од Манчестер, ја открива Групата 62 - подземно движење за собирање разузнавачки информации кое се обидува да го запре подемот на крајната десница. Така, малку по малку, Вивиен се вовлекува во светот на измамите и лагите, како и во борба со високи влогови. Серијата е спој на романтика, акција и политика, има одлична актерска екипа, со одлични сценографии и одличен моден израз. Ги држи гледачите во напнатост, и иако некои ќе речат дека е храна за непријатни мисли, важно е да се погледне.








5. Барајќи ја Алис (Finding Alice)


Сè започнува со тоа што Алиса, Хари и ќерката Шарлот се вселуваат во нивниот дом од соништата, кој се претвора во ноќна мора откако Хари е пронајден мртов на дното од скалите во куќата. Алиса тогаш почнува да открива дека нејзиниот сопруг, со кого била во брак 20 години, криел многу работи со кои тој не сакал или не знаел како да се справи. Едно од главните достигнувања на самата серија е фактот што не можеме да бидеме амбивалентни кон ниту еден лик и секој од нив е своевидна 'карикатура' на нешто што веројатно сме го сретнале во нашите животи. Серијата не се обидува од смртта да направи комедија, туку покажува како луѓето ги користат хуморот и сатирата среде голема тага за да се справат со трагични ситуации и да се обидат да продолжат понатаму.






Вчитување...